Yusuf Hatip
08 Ноември 2018•Ажурирај: 09 Ноември 2018
ХЕЛСИНКИ (АА) - Германскиот политичар Манфред Вебер е кандидат на Европската народна партија (EPP), која е најголемата група во Европскиот парламент, за функцијата претседател на Европската комисија, јавува Anadolu Agency (AA).
На конгресот на Европската народна партија кој се одржа во Хелсинки, Вебер беше избран за кандидат на оваа партија на изборите за функцијата претседател на Европската комисија, што ќе се одржат во мај наредната година.
Вебер кој е роден во 1972 година во Германија, доби 492 гласа од вкупно 619 валидни гласа на делегатите, а негов противкандидат беше поранешниот премиер на Финска, Александер Стуб.
Тој беше претседател на групата на Европската народна партија во Европскиот парламент.
- Привлекува внимание со ставот против Турција -
Вебер кој е познат по неговиот став против Турција, претходно истакна дека во случај да биде избран за претседател на Европската комисија ќе стави крај на преговорите меѓу Турција и ЕУ.
„Како иден претседател на Европската комисија би се трудел да ставам крај на преговорите за членство на Турција во ЕУ“, рече Вебер претходно во изјава за германските медиуми.
Се очекува Вебер да стане претседател на Европската комисија во случај Европската народна партија да го повтори својот успех како на претходните избори во Европскиот парламент.