Ata Ufuk Şeker
20 Март 2020•Ажурирај: 24 Март 2020
БРИСЕЛ (АА) - „Нетфликс“ и „Јутјуб“ донесоа одлука за намалување на квалитетот на емитување на висока резолуција во земјите членки на Европската Унија (ЕУ), со цел да се намали користењето на интернетот во овие земји каде што е забележан раст на користењето на интернетот поради новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нетфликс“ соопшти дека одлучиле за 30 дена да ја намалат брзината на сите емитувања во Европа, и дека претпоставуваат дека оваа практика ќе го намали за околу 25 отсто Нетфликс-сообраќајот во европските интернет-мрежи.
Исто така, „Јутјуб“ соопшти дека донеле одлука за намалување на стресот врз интернет-инфраструктурата, и затоа сите емитувања во земјите членки на ЕУ ги намалиле на стандарден квалитет.
Од друга страна, Тери Бретон, еврокомесар задолжен за внатрешниот пазар, претходно побара дигиталните платформи да ја намалат високата резолуција со цел растот на користењето на интернетот поради коронавирусот во Европа да не влијае врз инфраструктурата.