Ayhan Şimşek
19 Јули 2021•Ажурирај: 22 Јули 2021
БЕРЛИН (АА) - Германските власти се под остри критики откако беше откриено дека биле предупредени за поплавите неколку дена пред да бидат погодени западните региони на земјата минатата недела, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Најпродаваниот германски дневен весник „Билд“ ги обвини политичарите, локалните власти и јавните емитери дека задоцниле во издавањето предупредување, иако Европскиот систем за предупредување за поплави (EFAS) претходно ги предупредил властите за можни големи поплави во овие региони.
„Имаше предупредувања со денови, но луѓето не беа информирани соодветно“, се вели во веста на весникот и се додава дека политичката дебата сега треба да се фокусира на неуспехот на политичарите и покраинските влади наместо на климатските промени.
„Билд“, исто така, упати остри критики до регионалните јавни радио-телевизии WDR и SWR за тоа што минатата недела не го прекинале својот програмски распоред и не ги информирале луѓето за тоа што доаѓа сè додека не било предоцна.
„Не им беше грижа ниту на државата, ниту на WDR и SWR. Тие не испорачаа [предупредување, помош], иако се финансирани од големи даноци за ова“, пишува весникот.
Најголемите поплави во Германија во изминатите неколку децении однесоа најмалку 164 животи и предизвикаа големи штети во западните германски покраини Северна Рајна-Вестфалија и Рајнска Област-Пфалц.
Германската метеоролошка служба потврди дека метеоролозите најавиле можни екстремни врнежи од дожд неколку дена пред да ги погодат овие региони и ги предупредиле локалните власти.
„Зошто умреа толку многу луѓе? Предупредувањата беа издадени неколку дена претходно“, напиша на Твитер Маркус Бејер, од Германската метеоролошка служба, додавајќи дека обемот на врнежи бил добро предвиден, а првичните предупредувања биле издадени три дена претходно.