Behlül Çetinkaya
03 Септември 2020•Ажурирај: 04 Септември 2020
АНКАРА
Глобалниот совет на новинари реагира на односот на грчкиот расистички интернет-сајт кој како цел ги посочи новинарите на АА кои ја извршуваа својата професионална медиумска задача на грчкиот остров Мегисти, истакнувајќи: „Го осудуваме чинот на закана и таргетирање на новинарите во веста објавена од страна на информативниот интернет-сајт кој отворено покажува непријателство кон Турција. Многу е очигледно дека веста му е сервирана од страна на грчките власти“, известува Агенција Анадолија (АА).
Глобалниот совет на новинари даде писмено соопштение во врска со веста објавена од страна на грчкиот расистички веб-сајт во која се упатени закани до тимот на АА, кој замина на грчкиот остров Мегисти за извршување на својата новинарска задача, при што е обвинет за шпионирање.
Во изјавата, во која се наведува дека екипата на АА со авион од Атина заминала на Родос и оттаму по морски пат до островот Мегисти, се вели:
„Неколку часа подоцна, откако екипата на АА во вечерните часови стапна на островот Мегисти за да ги изврши своите новинарски активности, расистичкиот веб-сајт, со седиште во Грција, користејќи провокативни изјави, објави текст против Турција. Во текстот се вели: ’Зошто на овие турски државјани, агенти на МИТ, им дозволуваме да заминат на островот Мегисти? Зошто им дозволивме да стапнат на островот? Зарем не знаеме што сакаат да направат овие агенти на МИТ? Се надеваме дека властите ќе го сторат тоа што е потребно!‘“.
Во соопштението се вели дека овој информативен сајт објавил фотографија на страница со податоци од патната исправа на Тевфик Дурул, претставникот на АА за Атина, податок кој може да се најде само кај грчките власти. „Од грчките власти очекуваме образложение како страницата од патната исправа на Дурал се нашла на овој информативен интернет-сајт. Го осудуваме чинот на закана и таргетирањето на новинарите во веста објавена од информативниот интернет-сајт кој отворено покажува непријателство кон Турција, вест за која е многу очигледно дека му е сервирана од страна на грчките власти“, се вели во соопштението.
Во соопштението се нагласува дека сите меѓународни професионални организации за медиуми треба да упатат повик до грчките власти да осигураат безбедни и слободни услови за работа на странските претставници на печатот во земјата, при што се вели:
„Глобалниот совет на новинари ги повикува сите меѓународни професионални организации за медиуми да ги осудат грчките власти и овој интернет-сајт поради нивната иницијатива со која ги доведоа во опасност животите на претставниците на странските медиуми.“