Selen Temizer,Barış Seçkin,Emre Gürkan Abay
30 Јули 2021•Ажурирај: 31 Јули 2021
БРИСЕЛ (АА) – Како резултат на тековните пожари во голем број региони во светот, во САД, Русија и Европа, изгореа десетици илјади хектари шуми. Бројот на пожари во 2021 година во многу земји го надмина просекот од претходните години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според сателитската карта на Системот за управување со информации и ресурси за пожар, која НАСА ја нарекува FIRMS, пожарите прикажани со црвени точки се раширија во голем број региони во светот.
Пожарите, од САД до Русија, од Јужна Америка до северните, централните и јужните региони на Африка и Арапскиот Залив, кои ја обоија светската мапа во голем број региони во светот во црвено, поттикнаа многу земји на ЕУ како што се Италија, Шпанија, Грција и Романија, да водат борба против нив.
Според картата за итни случаи на Комисијата на ЕУ која ги идентификува пожарите, на целиот континент може да се видат големи и мали пожари кои достигнуваат речиси до северниот дел на Русија.
На сателитската карта се гледа дека пожарите со различна големина траат најмалку една недела во земјите на ЕУ.
- Италија се справува со пожарите -
Особено јужните региони на Италија се предадоа на голем број големи и мали шумски пожари.
Во вестите во локалните медиуми се наведува дека илјадници хектари земја се изгорени како резултат на пожарите на островите Сицилија и Сардинија и во различни делови на регионот Калабрија.
Во пожарот што избувна на 24 јули во областите на провинцијата Ористано, западно од островот Сардинија, изгореа 20 илјади хектари земја, а 1.500 луѓе се евакуирани. Во регионот работите за преземање контрола врз пожарите продолжуваат. Италија, покрај сопствените авиони, побара авиони и од земјите членки на ЕУ.
Претседателот на автономната управа на Сардинија, Кристијан Солинас, истакна дека во моментов не е можно да се пресмета штетата предизвикана од пожарот и побара итна економска поддршка од Централната влада за да се надоместат загубите.
- Романија -
Во јужниот регион на Романија, вклучително и Букурешт, главниот град на Романија, регистрирани се пожари, особено на границата со Бугарија.
Шумските пожари исто така продолжуваат и во соседните земји на Романија, како што се Молдавија и Украина.
- Грција -
Пожарот што избувна на 27 јули во шумската област Стамата, општина Дионисос, во близина на главниот град Атина во Грција, се прошири и во населените места.
Претставниците на Општината Дионисос забележаа дека ситуацијата во регионот е многу тешка и дека пламените јазици се приближуваат до населените места, и покрај интервенцијата на екипите.
- Русија -
Во руската област Јакутија продолжуваат напорите за гаснење на пожарите што започнаа во јули.
Властите прогласија вонредна состојба во регионот, каде што досега околу 1,3 милиони хектари шумска површина се претворени во пепел.
Министерството за вонредни ситуации на Русија, во вчерашното соопштение истакна дека екипите продолжуваат да работат на гаснење на тековните пожари во 144 различни региони.
- САД и Канада -
Според информациите дадени од Националниот интеринституциски противпожарен центар, во САД, заклучно со 29 јули, во 82 големи пожари во земјата изгореле 1,7 милиони хектари шумска површина во 13 држави. Покрај тоа, пријавени се и нови големи пожари во државите Ајдахо, Алјаска и Минесота.
Во Канада избувнаа повеќе од 4.500 пожари во 2021 година. Оваа бројка е евидентирана како приближно 1.000 повеќе од 10-годишниот просек на земјата. Во текот на оваа година изгореа вкупно 2.150 хектари земја.
- Надминати се просечните податоци -
Според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS), во Италија, Франција и Романија, во однос на изгорената шумска површина, просекот од 2008 - 2020 година веќе е надминат.
Во Италија оваа година изгореа 53.797 хектари земја, просекот од 12 години изнесуваше 40.781 хектар. Во Франција изгорени се 22.807 хектари, просекот од претходните години беше 9.283 хектари. Во Романија оваа година изгореа 18.620 хектари земја, а просекот од претходните 12 години изнесуваше 16.082 хектари.
На истата веб-страница се покажува дека и Босна и Херцеговина, која не е членка на ЕУ, исто така, во пожарите загуби 25.583 хектари земјиште, што е многу блиску до просекот од 2008 до 2020 година од 30.199.
Во Тунис годинава изгореа 17.599 хектари земјиште. Евидентирано е дека ова веќе го надмина 12-годишниот просек кој изнесува 6.257 хектари.