Ayhan Mehmet
19 Декември 2019•Ажурирај: 21 Декември 2019
АТИНА (АА) - Егејската мрежа за солидарност, организација која им помага на бегалците на грчките острови, соопшти дека во кампот во Самос се наоѓаат 12 пати повеќе луѓе отколку што е предвидено, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека во кампот со капацитет од 648 лица има 7.600 лица и дека и покрај вестите што ги пласираат многу меѓународни медиуми, условите во кампот не се подобри.
И понатаму е ограничен пристапот до здравствените услуги, а најголемиот проблем се децата без придружба.
Кажано е дека од 363 деца без придружба, само 56 од нив се наоѓаат на безбедни подрачја во кампот. Останатите живеат меѓу возрасните мигранти.
Како што пишуваат грчките медиуми, некои деца без придружба на островите Самос и Лезбос, поради немањето услови во камповите, често се обидуваат да извршат самоубиство.
Психолозите во кампот „Морија“ предупредуваат дека за да го надмине детето трауматичниот настан му е потребно време и добри услови за живот.
„Условите во кампот „Морија“ го отежнуваат заздравувањето на децата“, наведуваат експертите.
Сѐ почести се и случаите на саморанување. Во последните три месеци се забележани 20 такви случаи, а двајца малолетници се обиделе да извршат самоубиство.