Furkan Naci Top
08 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
АТИНА (АА) - Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, соопшти дека издавањето визи при пристигнувањето на граничните премини на грчките острови ќе биде продолжено за уште една година, јавува Anadolu Agency (AA).
Катругалос за АА изјави дека се очекува во наредните денови, Европската комисија да ѝ даде официјален одговор на Атина по ова прашање.
Јоргос Катругалос истакна дека Владата на Грција вложила напори да се смени одлуката што го забрануваше издавањето визи на островите. „На крајот, нашата работа вроди со плод. Димитрис Аврамопулос, одговорен член на Европската комисија за прашањето за бегалците, вчера во Брисел им соопшти на градоначалниците на грчките острови дека издавањето визи на влезот, при пристигнувањето на грчките острови, ќе биде продолжено за уште една година“.
Катругалос рече дека продолжувањето на можноста за издавање визи при пристигнувањето на грчките острови е прифатено со големо задоволство, бидејќи Грција е земја што во голема мера зависи од туризмот во Егејското Море. Туризмот на грчките острови влезе во голема криза по започнувањето на бегалската криза, и продолжувањето на издавањето визи за влез во Грција на островите може да даде свој придонес за туризмот.
„На тој начин, и оваа година ќе продолжи програмата за издавање визи при влез на грчките острови. Очекуваме официјален одговор од Европската комисија во наредните денови“, рече заменик-министерот за надворешни работи, Катругалос.
Од 2012 година, во периодот април – октомври се спроведува издавањето визи при влез на пристаништата на грчките острови Лезбос, Хиос, Родос, Кос, Сими, Самос и Мегисти, за туристите, од кои најголем број се Турци.
Вестите дека Европската комисија нема да го овозможи издавањето визи на пристаништата при влез на островите, предизвикаа големи реакции од локалните управи на островите.
По бегалската криза што ги погоди грчките острови, туризмот на овие места е значително намален. Турските туристи чинат половина од вкупниот број туристи што ги посетуваат грчките острови.