Michael Hernandez,Betül Yürük
13 Март 2018•Ажурирај: 13 Март 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека во текот на 2017 година во Сирија загинале најголем број деца од сите седум години војна, јавува Anadolu Agency (AA).
„Длабоко сум погоден од огромните загуби и страшните страдања на сирискиот народ“, изјави Гутереш во обраќањето до Советот за безбедност на ОН, за време на заседанието за 30-дневното примирје во Сирија.
Тој изрази разочарување и од сите актери, кои, како што рече тој, дозволиле да се случат страдањата во таа земја.
„Длабоко сум разочаран од сите што од година во година, со дејствување или недејствување, плански или неплански, дозволија да се случи вакво нешто“, изјави Гутереш.
Прекинот на огнот, кој Советот за безбедност на ОН го одобри во февруари оваа година, сепак не успеа да сопре некои од најтешките напади и судири во Сирија.
„Особено во Источна Гута, каде што воздушните, како и артилериските и копнените напади, се интензивирани веднаш по самото усвојување на Резолуцијата за примирје и однесоа стотици цивилни животи, а некои тврдат дека и повеќе од 1.000“, изјави Гутереш.
„Сакам да ја нагласам итноста во поглед на медицинска евакуација, заштита на цивилите и целосна, одржлива и непречена достава на хуманитарна помош, што е можно поскоро“, изјави Гутереш.
Од друга страна, амбасадорката на САД при ОН, Ники Хејли, во обраќањето до Советот за безбедност на ОН, изјави дека примирјето во Сирија досега било неуспешно.
Таа истакна дека поради тоа САД на Советот за безбедност на ОН му упатил нова обврзувачка нацрт-резолуција за примирјето во оваа земја.
„Примирјето досега беше неуспешно и време е нешто да се стори. САД во ниеден случај нема да даде простор за изговори. Подготвивме едноставна и обврзувачка нацрт-резолуција за примирјето во Сирија“, изјави Хејли.
Советот за безбедност на ОН, за усвојување на Резолуцијата на 24 февруари, побара прогласување хуманитарно примирје во Сирија, првенствено во Источна Гута. Иако е побарано примирјето да започне да се имплементира без одложување, тогаш не беше прецизирано кога тоа ќе започне.
Русија на 27 февруари соопшти дека хуманитарна пауза ќе се прави секој ден меѓу 9 и 14 часот и оти режимот тоа ќе го почитува.