Mohammad Sıo
31 Јануари 2025•Ажурирај: 03 Февруари 2025
ДАМАСК/ИСТАНБУЛ (АА) - Сириските безбедносни сили го уапсија Атеф Наџиб, братучед на соборениот лидер Башар ал-Асад и поранешен шеф за политичка безбедност во сирискиот град Дара, поради злосторства врз цивили, вклучително и деца, објави денес државната новинска агенција САНА, пренесува Анадолу.
Апсењето го потврди потполковник Мустафа Кнефати, директор на Дирекцијата за јавна безбедност во Латакија, северозападна Сирија.
„Во операција, Дирекцијата за јавна безбедност во Латакија, во координација со воените сили, успешно го уапси генералот Атеф Наџиб, поранешен шеф на огранокот за политичка безбедност во Дара“, истакна Кнефати.
„Овој потег е дел од тековните напори на властите за изнесување на сторителите пред лицето на правдата за прекршувањата врз сирискиот народ и за зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот“, додаде тој.
Наџиб е префрлен до надлежните органи за судење, рече Кнефати.
Според локалните медиуми, меѓу кои и Телевизија Сирија, и истакнати новинари и политичари, Наџиб е братучед на Асад и е роден во крајбрежниот град Џабле.
Тој дипломирал на Воената академија пред да се приклучи на разузнавачките служби, каде што бил на различни позиции, меѓу кои најзначајната - раководел со Одделот за политичка безбедност во Дара. Тој е обвинет дека е еден од првите што извршувал злосторства против цивилите уште на почетокот на бунтот во 2011 година.
Тој, исто така, е обвинет за апсење и тортура на деца во Дара, кои пишувале антирежимски слогани на ѕидовите, инцидент што ги предизвика првичните протести во Сирија.
Откако беше соборен режимот на Асад, отворени се т.н центри за помирување каде поранешните членови на режимот можат да го предадат своето оружје. Но, одбивањето на некои членови доведе до судири во различни покраини.
На 8 декември 2024 година, сириските антирежимски групи ја презедоа целосната контрола врз Дамаск по победите во повеќе градови, ефикасно ставајќи крај на 61-годишното владеење на партијата Баат и 53-годишното владеење на семејството Асад.