Mohammad Sıo
19 Август 2024•Ажурирај: 20 Август 2024
БЕЈРУТ (АА) - Две лица денес се убиени во градот Хула во Јужен Либан во напад на израелско беспилотно летало, соопшти либанското Министерство за здравство, известува Анадолу.
Нападот се случи во време на интензивни судири меѓу Израел и либанската група Хезболах по должината на либанско-израелската граница.
Официјалната новинска агенција на Либан ги потврди смртните случаи, истакнувајќи дека цел на нападот со дрон ова утро била областа Абра во градот Хула.
Покрај тоа, израелската артилерија интензивно го гранатирала и пограничното село Ајта аш Шаб, а израелските сили истрелале ракети и врз неколку јужни либански села во близина на Сината линија. [Како дел од мисијата УНИФИЛ, на 7 јуни 2000 година Обединетите нации (ОН) објавија воспоставување на таканаречената „Сина линија“, која не е дефинирана како државна граница, туку како воспоставена привремена линија меѓу Либан и Израел. Со тоа ОН имаа за цел, врз основа на најдобрите достапни картографски и други веродостојни документи, да ја идентификуваат линија на теренот што е тесно усогласена со меѓународно признатите граници на Либан.]
Истовремено Хезболах започна серија возвратни напади, распоредувајќи беспилотни летала и проектили против израелските воени објекти.
Се зголемуваат стравувањата од можноста за сеопфатна војна меѓу Израел и Хезболах по неколкумесечните прекугранични престрелки, особено по заканите на Хезболах за воена одмазда по убиството на неговиот висок командант Фуад Шукр на 30 јули во израелски воздушен напад врз Бејрут.
Ескалацијата меѓу двете страни се случува во време на израелски напади врз Појасот Газа во кои се убиени повеќе од 40.000 Палестинци од 7 октомври минатата година досега.