ИСТАНБУЛ (АА) - ИХСАН ЕЛ-ФАКИХ –
На втората година од убиството на новинарот на „Вашингтон пост“ (Washington Post), Џамал Кашоги, еден од највлијателните новинари на Блискиот Исток, извештаите за човековите права во Саудиска Арабија не се многу светли, пишува Агенција Анадолија (АА).
Новинарот Џамал Кашоги беше убиен во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври 2018 година.
Според веста на „Вашингтон пост“, иако Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) дошла до заклучок дека престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, ја дал наредбата за убиството на Кашоги, американскиот претседател Доналд Трамп тоа не го сфати сериозно поради неговите односи со престолонаследникот Бин Селман и поради економските интереси со Саудиска Арабија.
Администрацијата на Ријад, која првично го негираше убиството, подоцна мораше да признае и испрати 11 лица на суд, поради поврзаност со убиството на Кашоги. За петмина од нив се бараше смртна казна.
На рочиштето одржано во Кривичниот суд во Ријад на 23 декември 2019 година, петмина од 11 обвинети беа осудени на смртна казна, тројца на затворска казна, додека за другите три лица немаше доволно докази, па затоа ним им беше забрането да патуваат во странство.
Судот на 7 септември ја објави конечната одлука за осумтемина обвинети. Судот, кој претходно изрече смртна казна за пет лица, ја измени казната со 20 години затвор. Еден од останатите тројца беше осуден на 10 години затвор, а другите двајца по 7 години затвор.
Меѓународните организации за човекови права овие судски постапки ги оценија како смешни.
Специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за вонсудски и арбитрарни егзекуции, Агнес Каламард, за убиството во Кашоги рече: „Според меѓународното право, за Кашоги е одговорна Саудиска Арабија. Кашоги стана жртва на намерна и испланирана вонсудска егзекуција.“
Посочувајќи дека САД треба да иницираат истрага на ФБИ за да се испита убиството на Кашоги, Каламард рече дека постојат веродостојни докази за да може да се истражат високи функционери, вклучувајќи го и престолонаследникот на Саудиска Арабија.
Наспроти тоа, Саудиска Арабија од меѓународните организации за човекови права беше критикувана за избегнување на истрага за оние кои го наредиле убиството на Џамал Кашоги.
Од друга страна, семејството на новинарот Џамал Кашоги, кој беше убиен во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, соопшти дека ги „помилувале“ сторителите на убиството.
Салах Кашоги, синот на Џамал Кашоги, на својот профил на Твитер во мај истакна дека во име на неговото семејство со кое живее во Саудиска Арабија им простил на убијците на неговиот татко.
- Саудиска Арабија е критикувана и за односот кон новинарите и активистите за човекови права во земјата -
Саудиска Арабија, која е подложена на силни критики за убиството во Кашоги, исто така добива сериозни критики поради репресивниот став и практиките за притвор на научници, новинари и лица кои работат во областа на човековите права.
Според извештаите објавени од Организацијата на репортери без граници (RSF), околу 30 новинари и блогери се наоѓаат во затворите во Саудиска Арабија, кои и покрај епидемијата од коронавирусот, не се ослободуваат.
Во извештаите, исто така е забележано дека во затворите поради стапката на пополнетост не се одржува физичката дистанца и затворениците се изложени на ризик од епидемијата.
Меѓу другото се наведува дека поради лошото постапување и тортурата има и затвореници на кои им е влошена здравствената состојба.
- Саудиска Арабија е на 172-то место на листата на Светскиот индекс на слободата на печатот -
Според Организацијата на репортери без граници (RSF), Саудиска Арабија се наоѓа на 172-то место од 180 земји на листата на Светскиот индекс на слободата на печатот.
Новинарот и писател Салих ал Шајхи, кој беше затворен повеќе од 2 години поради критикувањето на корупцијата во Саудиска Арабија, почина на 19 јули од Ковид-19, два месеца по ослободувањето.
Сепак, администрацијата на Ријад официјално не ги соопшти причините за смртта на Шајхи.
Арапските медиуми споделија дека новинарот Шајхи, кој беше осуден на 5 години затвор поради објавување информации за корупции во Кралскиот двор, бил ослободен откако му се влошила здравствената состојба.
Во моментов, никој во земјата не се осмелува да ги критикува политиките на престолонаследникот Бин Селман за Јемен, Катар или пак за некоја друга тема.
На медиумите и социјалните мрежи создадена е структура која ги фали политиките на Бин Селман, а се потиснуваат неговите противници.
- Притвори за корупција -
Од друга страна, кралот Селман бин Абдулазиз основаше Антикорупциска комисија со кралски декрети објавени на 4 ноември 2017 година. Тој престолонаследникот Бин Селман го назначи за шеф на комисијата овластена за апсење, заплена на имот и спроведување на други потребни процедури.
Во рамките на истрагите за корупција, иницирани веднаш по формирањето на комисијата, беа приведени многу принцови, министри и бизнисмени, меѓу кои и министерот за Кралската гарда, принцот Мутаб бин Абдулах и бизнисменот милијардер, принцот Валид бин Талал. Подоцна повеќето од овие лица беа ослободени.
- Меѓународната заедница избегнува притисок врз Ријад заради нејзините економски интереси -
Поради своите економски интереси со Саудиска Арабија, меѓународната заедница, особено Соединетите Американски Држави, се воздржуваат да извршат доволно притисок врз принцот престолонаследник за ослободување на политичките неистомисленици, активисти и интелектуалци.
Специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за вонсудски и арбитрарни егзекуции, Агнес Каламард, ги повика владите на земјите од групата Г-20 да го бојкотираат Самитот на Г-20, закажан за 21-22 ноември, под раководство на Бин Селман, во знак на протест против кршењето на човековите права во Саудиска Арабија.
Сепак, се предвидува дека овие земји нема да го почитуваат повикот на известувачката на ОН и дека ќе учествуваат на Самитот.