Faruk Zorlu
26 Декември 2018•Ажурирај: 27 Декември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Осумгодишно момче од Гватемала почина во американски притвор откако со неговото семејство беше уапсено на мексиканско-американската граница, јавува Anadolu Agency (AA).
Според американската царинска и службата за заштита на границите, момчето кое се обидувало илегално да влезе во САД заедно со неговото семејство, покажувало симптоми дека е болно и било однесено во болница во подрачјето на Аламогордо.
Откако лекарите му дијагностицирале силна настинка и детето добило лекови, тоа било повторно вратено во притвор. Синоќа било повторно хоспитализирано со симптоми на повраќање, по што по неколку часа починало.
И минатата недела во американски притвор почина седумгодишно девојче од Гватемала, на кое му беше дијагностициран септички шок.
Голем број мигранти од Централна Америка поради сиромаштија и насилство се обидуваат да стигнат во САД.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, по должината на границата со Мексико распореди војска и порача дека никој не смее илегално да влезе во САД.