02 Јануари 2020•Ажурирај: 03 Јануари 2020
ЛОНДОН - Бројот на загинати во големи авионски несреќи во 2019 година е двојно помал во однос на претходната година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според истражувањето што го спроведе холандската компанија „To70“, која се занимава со давање консултативни услуги за авијација, минатата година се забележани 257 смртни случаи поврзани со авионски несреќи, додека во 2018 таа бројка изнесуваше 534.
Најголемата авионска несреќа во 2019 година се случи во март при пад на авионот „Boeing 737 MAX“ на етиопскиот авиопревозник, кога загинаа 157 лица.
Холандската компанија наведува дека во 2019 година се случиле 8 фатални несреќи, додека претходната година имало 13.
„Статистички гледано, во 2019 се случила една несреќа на 5,58 милиони летови“, пренесува „Би-би-си“ (BBC).
„Минатата година беше една од најбезбедните за комерцијалната авијација“, соопшти Мрежата за безбедност на воздушниот сообраќај.
Во истражувањето не се вклучени несреќите во кои учествувале мали патнички, воени, приватни и транспортни авиони, ниту хеликоптерските несреќи.