Fahri Aksüt
02 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Јануари 2020
ЏAКАРТА (АА) - Најмалку 19 лица загинаа во главниот град на Индонезија и во околните градови во поплавите предизвикани од обилните врнежи од дожд, соопштија властите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Потврдена е смртта на 19 лица, а се чека потврдата за уште две лица“, изјави министерот за социјална политика, Џулијари Петер Батубара.
Индонезискиот Национален одбор за управување со катастрофи (BNPB) соопшти дека смртните случаи се предизвикани поради давење, хипотермија и лизгање на земјиштето, додека четворица починале од струен удар.
„Во моментов, индонезискиот Национален одбор за управување со катастрофи сè уште собира податоци од различни извори и веројатно бројот на жртвите ќе се зголеми“, рече Агус Вибово, портпарол на Одборот.
Околу 170 области низ целата земја се зафатени со поплавите, 63 во Џакарта, 97 во Западна Јава и 9 во покраината Бантен.
Сместена во екваторијалниот појас, Индонезија честопати е зафатена од ненадејни поплави и лизгање на земјиштето предизвикано од обилните врнежи од дожд.
Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика на Индонезија прогнозира дека поројните дождови ќе продолжат во Џакарта и околните градови во наредните три дена.
Покраинските власти на Џакарта распоредија 120.000 лица за помош при поплавите.