Laura Gamba Fadul
28 Јуни 2022•Ажурирај: 28 Јуни 2022
БОГОТА (АА) - Американска делегација пристигна во Венецуела за да ги поправи заладените односи со оваа јужноамериканска земја, изјави денеска претседателот Николас Мадуро, известува Агенција Анадолија (АА).
„(Претседателот на Националното собрание) Хорхе Родригез ја прими важната делегација на владата на САД која пристигна во Венецуела пред два часа“, изјави Мадуро на телевизија.
„Делегацијата работи на давање континуитет на комуникациите што започнаа на 5 март и овозможување континуитет на билатералната агенда меѓу владата на САД и владата на Венецуела“, додаде претседателот Мадуро.
Американска делегација предводена од Хуан Гонзалес, главниот советник на претседателот Џо Бајден за Латинска Америка, преестојуваше во Каракас на 5 март за да разговара за американските граѓани кои се држат во Венецуела. По тој чекор кон подобрување на односите, двајца американски државјани беа ослободени од страна на владата на Венецуела. Еден од нив беше меѓу шесте директори на американската рафинерија Citgo кои беа прогласени за виновни по обвинение за корупција и осудени на затворска казна од 8 до 13 години.
„Дел од нашиот фокус е на здравјето и благосостојбата на приведените американски граѓани“, рече Џен Псаки, портпаролката на Белата куќа во март.
По разговорите во март и одговор на „подготвеноста“ на Мадуро да ослободи двајца приведени Американци, САД укинаа некои санкции и ја обновија лиценцата за нафтените компании, вклучително и Шеврон, да продолжат да работат во Венецуела.
Разговорите се одржаа во согласност со кризата со цената на горивото со која се соочи Бајден во САД додека трае војната во Украина, што го принуди да се приближи до Венецуела, другиот нафтен гигант во регионот.
САД и Венецуела ги прекинаа односите во 2019 година, откако Мадуро го доби вториот претседателски мандат на изборите во земјата, за кои САД, опозицијата во земјата и другите земји ширум светот ги сметаат за „измама“.
Вашингтон тогаш го призна опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела и воведе санкции за луѓе блиски до Мадуро.