Ekipa
06 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
СЕУЛ (АА) - Претставници на Соединетите Американски Држави (САД) и Северна Кореја денес одржаа разговори на границата помеѓу С. и Ј. Кореја, а некои извештаи велат дека на планираниот самит за 12 јуни меѓу двајцата лидери во Сингапур постои можност да се приклучи и преговарач, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според изворите цитирани од „Њујорк пост“ (New York Post), поранешната кошаркарска ѕвезда Денис Родман се очекува да пристигне во Сингапур во пресрет на претстојниот самит, па дури постои можност и да има некаква улога во преговорите.
Родман се смета за пријател на севернокорејскиот лидер Ким, и претходно го има посетено Пјонгјанг пет пати.
Тој тврди дека за роденденот на Ким му подарил примерок од книгата на Доналд Трамп „Уметноста на договорот“.
„Мислам дека во тоа време Ким не беше свесен кој беше Доналд Трамп, претпоставувам сè додека не започна да ја чита книгата и започна да го разбира. Доналд Трамп и Ким Џонг Ун се прилично исти“, изјави Родман за TMZ во април.
Во меѓувреме, новинската агенција „Јонхап“ објави денес дека американскиот дипломат Сунг Ким се вратил на меѓукорејската граница за да се состане со заменик-министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сон Хуи.
Двајцата високи официјални претставници предводеа делегации во пет рунди на преговори од 27 мај, во процесот на поставување темели за евентуален договор за денуклеаризација.
САД постојано инсистираа на тоа дека нема да ги отфрлат санкциите против Северна Кореја сè додека оваа земја не се реши од своето нуклеарно оружје.