Burak Bir
16 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
БЕЈРУТ (АА) - Десетици лица се повредени во четиричасовните судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили во либанскиот главен град Бејрут, јавува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници демонстранти доцна синоќа се собраа на плоштадот „Маченици“ во знак на протест против консултациите што денеска се очекува да се одржат во Парламентот за номинирање на нов премиер.
Тензиите пораснаа откако демонстрантите се обидоа да маршираат кон Парламентот, но безбедносните сили употребија солзавец за да ги блокираат демонстрантите кои се обидоа да ги преминат бариерите на плоштадот „Маченици“.
Демонстрантите фрлаа на полицијата со камења, а судирите продолжија до доцна во ноќта, оставајќи десетици повредени од обете страни.
Единиците на либанската Цивилна одбрана соопштија дека на над 72 демонстранти им била потребна медицинска помош, додека 20 биле испратени во болница.
Безбедносните сили презедоа соодветни мерки откако на 17 октомври започнаа антивладините протести.
Либан во последните неколку месеци е зафатен со масовни протести против плановите за покачување на даноците, кои брзо зедоа пошироки димензии.
Немирите го принудија премиерот Саад Харири да даде оставка на 29 октомври, без напредок за постигнување договор за нова влада.