Gamze Türkoğlu Oğuz
01 Декември 2019•Ажурирај: 02 Декември 2019
ХОНГКОНГ (АА) - Илјадници лица во кинескиот специјален административен регион Хонгконг, излегоа на улиците со барање за демократски реформи и водење истрага поради користењето сила против демонстрантите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу илјадниците демонстранти што маршираа од Портата „Викторија“ кон подрачјето на Каулун, се наоѓаа млади лица со маски облечени во црно, како и лица кои присуствуваа со своите деца.
„Ако ние не излегуваме надвор, Владата ќе помисли дека ова е прашање само за младите, но ова е проблем на Хонгконг кој нè погодува сите нас. Доколку се плашиме, Владата ќе продолжи да ни ги прекршува правата“, истакна Лили Чау, која на демонстрациите присуствуваше со нејзиното бебе.
Бројните демонстранти извикуваа различни пароли за време на демонстрациите.
Безбедносните сили на одредени места користеа солзавец, а демонстрантите фрлаа со камења.
Исто така, изутрина група од 200 лица, кои носеа жолти балони и протестираа против користењето солзавец од страна на полицијата, маршираа кон плоштадот „Единбург“, каде што се наоѓаат и владините згради.
Друга група, чии членови носеа маски и беа облечени во црно, се собра пред Конзулатот на САД и во раце носеа знамиња на САД.
Некои демонстранти носеа транспаренти со натпис „Претседателе Трамп, те молам ослободи го Хонкконг“ како и со други натписи.
Инаку, во последните месеци се одржуваа демонстрации во Хонгконг, што започнаа против нацрт-законот за предавање на осомничените лица на Кина, додека во последните недели се зголемија судирите и насилните настани меѓу демонстрантите и полицијата.
Овој нацрт-закон беше официјално повлечен на 23 октомври, но демонстрантите донесоа одлука за продолжување на демонстрациите со барање за демократски реформи.
Според официјалните податоци, од јуни досега во Хонгконг биле приведени околу 5.000 демонстранти.