Ayhan Şimşek
08 Август 2023•Ажурирај: 10 Август 2023
БЕРЛИН (АА) - Околу 175.000 мигранти поднеле барање за азил во Германија во периодот од јануари до јули оваа година, соопшти Владата во новиот извештај објавен денес, јавува Анадолу.
Бројот на барања за азил е зголемен за речиси 78 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат најновите податоци на Федералната канцеларија за миграции и бегалци (BAMF).
Сиријците и Авганистанците се двете најголеми групи баратели на азил, со 51.692, односно 31.334 барања.
Од јануари, германските власти разгледале над 153.912 барања за азил, а 51,7 отсто од апликантите добиле статус на бегалци или супсидиерна заштита.
Германија, која е најголемата економија во Европа, останува главна дестинација за мигрантите и барателите на азил кои пристигнуваат во Европската Унија.
Министерот за внатрешни работи на покраината Баварија, Јоаким Херман, претходно изјави дека бројките може дополнително да се зголемат во наредните месеци и да достигнат до бројка од 400.000 баратели на азил до крајот на годината.
Локалните власти се жалат дека немаат доволно ресурси за да обезбедат домување и социјална поддршка за новодојдените баратели на азил.
Во 2022 година, Германија прими четвртина (25 отсто) од барањата за азил во ЕУ, а потоа следат Франција (16 отсто), Шпанија (12 отсто), Австрија (11 отсто) и Италија (9 отсто).