Ekipa
27 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Филипинскиот претседател Родриго Дутерте го одобри Законот за автономија на регионот Бангсаморо, кој ѝ дава широка автономија на покраината Минданао населена со муслиманите Моро, јавува Anadolu Agency (AA).
Законот предвидува правни и економски привилегии на муслиманите во тој регион, а обезбедува и широка автономија на покраината Минданао.
На овој начин ќе биде воспоставена и автономна влада во Бангсаморо.
Ќе бидат отворени и независни судови кои ќе се занимаваат со верските слободи на тоа подрачје. Централната власт ќе биде предадена на владата на Бангсаморо.
Со овој потег, властите на Филипините сакаат да стават крај на повеќедецениската криза со бунтовниците во тој регион.
По четиридецениските судири во кои животите ги загубија над 120.000 лица, бунтовничкиот Фронт на спасот на муслиманите Моро (MILF) во март 2014 година потпиша мировен договор со филипинската Влада.
Фронтот минатата година на претседателот на Филипини, Дутерте, му предложи усвојување закон со кој на доминантно муслиманската покраина Минданао и нејзините острови ќе им биде обезбедена широка автономија.
Дутерте кон крајот на април оваа година изјави дека до крајот на мај законот ќе биде усвоен или во спротивно тој ќе поднесе оставка на функцијата претседател на државата.
Тој истакна дека му додеало да се занимава со долгогодишната криза и дека законот мора итно да се усвои.
Нацрт-законот за автономија на Минданао претходно го усвои и филипинскиот Сенат, како и Долниот дом на Парламентот.