Ekip
20 Март 2023•Ажурирај: 21 Март 2023
БРИСЕЛ (АА) – Европската комисија денес вети една милијарда евра за реконструкција на подрачјата погодени од разорните земјотреси во февруари на југот на Туркије, јавува Анадолу.
Претседателката на Комисијата на Европската Унија (ЕУ), Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање на отворањето на Меѓународната донаторска конференција во Брисел повика на поддршка за подрачјата погодени од земјотресот во Туркије и во Сирија.
„Со задоволство можам да најавам дека само Европската комисија ќе ја поддржи Туркије со една милијарда евра за реконструкција по земјотресот“, најави Фон дер Лајен.
Како што таа изјави, куќите, училиштата и болниците мора да се обноват според највисоките стандарди за сеизмичка безбедност, а да се санира и друга критична инфраструктура.
Фон дер Лајен, исто така, нагласи дека ЕУ не сака само да им помогне на жртвите од земјотресот да преживеат, туку и повторно да изградат свои животи.
Таа најави дополнителен пакет од 108 милиони евра за хуманитарна помош и побрзо закрепнување во Сирија.
Два разорни земјотреса со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија јужните делови на Туркије на 6 февруари со епицентар во Кахраманмараш.
Бројот на загинати во разорните земјотреси што минатиот месец го погодија јужниот дел на Туркије се искачи на 50.096.
Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Туркије беа погодени од разорните земјотреси, како и многу други во Северна Сирија.
Во соседна Сирија загинаа најмалку 4.500 луѓе, а повеќе од 8.700 беа повредени.