Alyssa Mcmurtry
19 Септември 2023•Ажурирај: 20 Септември 2023
ОВИЕДО (АА) - Шпанските политичари од денес ќе може да зборуваат каталонски, баскиски и галициски во националниот Парламент, што е прв пат во поновата историја на Шпанија, пренесува Анадолу.
На политичарите им е дозволено да зборуваат каталонски, баскиски, галициски, кои заедно со шпанскиот се официјални јазици на Шпанија.
Одлуката беше донесена за време на преговорите меѓу владејачката левичарска влада и регионалните партии. На премиерот Педро Санчез му е потребна нивната поддршка за да остане на власт по општите избори во јули.
Ваквата промена ќе ја чини Шпанија 53.000 евра, колку што чини купувањето на 650 слушалки за политичарите, гостите и новинарите да слушаат симултани преводи. Дополнително, привремено ќе бидат ангажирани и 12 преведувачи.
Политичарите можат да зборуваат и на други јазици на малцинствата во Парламентот, дури и оние кои не се признати како официјални, како што е астурискиот.
Шпанската социјалистичка влада претходно испрати барање до Брисел, каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик да бидат вклучени во официјалните јазици на Европската Унија, што е отстапка за сепаратистичките регионални партии на Каталонија, Баскија и Галиција, кои со тоа условуваат формирање на власта во Шпанија.
Земјите на ЕУ се сложија дека им е потребно повеќе време да го разгледаат шпанскиот предлог, за чие усвојување е потребна едногласна поддршка.