ИСТАНБУЛ
Исламофобијата во Европа „се влоши, ако не и достигна пресврт“, се наведува во новиот Европски извештај за исламофобијата во 2020 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Извештајот кој има 886 страници, го уредуваа Енес Бајракли, професор по меѓународни односи на Турско-германскиот универзитет со седиште во Истанбул и Фарид Хафез, политиколог од Иницијативата „Бриџ“ на Универзитетот во Џорџтаун.
„Осврнувајќи се на последните шест години, многумина набљудувачи едногласно ќе се согласат дека состојбата со исламофобијата во Европа не само што не е подобрена, туку и се влоши, ако не и достигна пресврт“, наведeно е во годишниот извештај кој се објавува од 2015 година.
Додадено е дека тоа е една од причините зошто е избрана фотографија на политичар за насловна на овогодишното издание, на која е францускиот претседател Емануел Макрон - политичар, кој, како што е кажано, „се смета за претставник на центризмот и мејнстрим на политичкото движење“.
„Самиот овој факт служи како додатно откритие дека центарот стана поекстремен во однос на исламофобијата. Француските и австриските муслимани оставени се во рацете на бруталното државно насилство кое е легитимизирано во име на законите за борба против тероризмот“, се наведува во извештајот.
Затворањето на француското надзорно тело Колектив против исламофобијата во Франција (Collectif contre l'islamophobie en France) претставува пример „колку се развила државната исламофобија“.
По повод претставувањето на извештајот одржана е и онлајн панел-дискусија под називот „Исламофобијата и нападот врз граѓанските слободи во Европа“.
Дискусијата ја модерира Бајракли, а присуствуваа Хафез, Амани Хасани од Универзитетот „Кил“ во Велика Британија и Амина Смитс од Универзитетот „29. Мај“ во Истанбул.
Бајракли во својот говор рече дека Макрон се појавува на насловната страница на извештајот поради својата политика, мислејќи на законот против сепаратизмот во Франција, за кој Владата тврди дека има за цел јакнење на францускиот секуларен систем, додека критичарите сметаат дека ги ограничува верските слободи и ги маргинализира муслиманите.
Законот беше критикуван, бидејќи ја тангира француската муслиманска заедница, најголема во Европа со 3,35 милиони членови, а наметнува ограничувања во многу аспекти на животот на членовите на заедницата.
Хафез говореше за исламофобијата во Франција, Германија и Австрија.
„Германија документира повеќе од 31.000 случаи на злосторства од омраза, вклучувајќи 901 злосторство од омраза против муслиманите“, рече тој.
Додаде дека Франција во исто време забележала само 1.142 случаи на злосторства од омраза, меѓу кои се 235 случаи на злосторства од омраза против муслиманите.
„Наместо да сугерираме дека злосторства од омраза против муслиманите има повеќе во Германија отколку во Франција, повеќе сме склони на тоа да поставиме прашање колку сериозно француската полиција ги документира злосторствата од омраза“, рече тој.
Говорејќи за насловната од извештајот, Хафез објасни зошто избрале едно лице, иако пандемијата на Ковид-19 имаше трајно влијание во 2021 година.
„Затоа што сметаме дека во 2020 година почнува нова ера во институционализацијата на државната исламофобија која можеме да ја набљудуваме“, рече Хафез.
Хасани ја објасни ситуацијата во Данска, а Смитс ги претстави податоците за Холандија за кои се говори и во извештајот.
Во изработката на извештајот за 2020 година беа вклучени 37 локални научници, експерти и активисти на цивилното општество за прашања поврзани со расизмот и човековите права, како и извештаи од 31 држава.
news_share_descriptionsubscription_contact
