Necva Taştan Sevinç
29 Август 2025•Ажурирај: 31 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на Исланд, Ирска, Луксембург, Норвешка, Словенија и Шпанија денес остро ја осудија најновата офанзива на Израел во Појасот Газа и неговата најава за воспоставување трајно присуство во градот Газа, јавува Анадолу.
Во заедничка изјава, министрите предупредија дека засилените воени операции го загрозуваат животот на заложниците кои се држени од Хамас и предизвикуваат „неприфатливо“ голем број цивилни жртви, меѓу кои жени, деца и постари лица.
Тие, исто така, го осудија присилното раселување на Палестинците, нарекувајќи го „флагрантно кршење на меѓународното право“.
„Системското уништување на основната цивилна инфраструктура, вклучувајќи ги и локациите што служат како засолниште за исклучително ранливите раселени цивили, е неприфатливо“, се вели во соопштението, во кое се повикува Израел веднаш да ги прекине операциите.
Министрите изразија загриженост во врска со Интегрираната фазна класификација за безбедност на храната со која се потврди гладот во губернијата Газа и се предупреди за негово потенцијално ширење во наредните недели.
Тие побараа Израел да ги почитува своите хуманитарни обврски и да овозможи ОН и невладините организации да доставуваат хуманитарна помош во големи размери.
Во изјавата беше изразена и загриженост за проширувањето на израелските населби на Западниот Брег и растечкото насилство од страна на екстремистичките доселеници, што, според нив, ја поткопува можноста за решение со две држави.
„Меѓународната заедница нема да молчи пред кршењата на човековите права“, рекоа министрите, повикувајќи на траен прекин на огнот, ослободување на заложниците и непречен хуманитарен пристап низ цела Газа.