Dejan Maksimoviç
11 Мај 2017•Ажурирај: 11 Мај 2017
БРИСЕЛ (АА) - Европската агенција за статистика (Евростат) објави податок дека повеќе од 63.000 деца без придружба на возрасни лица, во текот на 2016 година поднеле барање за азил, а повеќе од половина од нив се од Сирија и од Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Евростат денес објави дека 63.300 малолетници без придружба побарале меѓународна заштита во 28 земји-членки на ЕУ, како и во Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
Се додава дека бројот за една третина е помал во однос на 2015 година, кога се регистрирани 96.500 малолетници без придружба кои побарале азил. Сепак, истовремено нивниот број е петпати поголем од годишниот просек забележан во периодот од 2008 до 2013 година.
Дури 89 отсто од малолетниците без придружба се од машки пол, а повеќе од две третини од нив се на возраст од 16 и 17 години. Најголем број од оние што поднесоа барање за азил е забележан во Германија, речиси 36.000, или 57 отсто од сите регистрирани малолетници без придружба во ЕУ.