Mehmet Hatipoğlu
19 Јули 2016•Ажурирај: 20 Јули 2016
АЛЕКСАНДРОПОЛИС (АА) - Осуммината војници-пучисти што по учеството во обидот за државен удар во Турција, со хеликоптер побегнаа во Грција и побараа азил во таа земја, се повикани на разговор во седиштето на Комисијата за азил, јавува Anadolu Agency (AA).
Во раните утрински часови, војниците од затворот во Ферес, со оклопно возило се префрлени во седиштето на Комисијата за азил, кое се наоѓа во Неа Чили, во близина на градот Александрополис.
Пучистите со врзани раце, со лисици зад грбот, доведени се во центарот каде што ќе бидат фотографирани и ќе разговараат за барањата за азил. Во попладневните часови ќе бидат вратени во притвор во затворот во кој се наоѓаат. Комисијата во рок од три недели би требало да донесе одлука за азилот што тие го побараа. Во истиот временски рок ќе биде одлучено дали осуммината војници ќе останат во притвор.
Судот во Александрополис, на барање од адвокатот на војниците, донесе одлука судењето што започна вчера да биде одложено до четврток, 21 јули.
На осуммината војници кои со воен хеликоптер побегнаа во Грција и слетаа на аеродромот во Александрополис, чиновите им се одземени и тие од грчките власти побараа политички азил.
Турција од Грција побара да изврши екстрадиција на пребегнатите пучисти, а на турската војска ѝ е вратен хеликоптерот што го користеа пучистите.