Ferdi Bayat
09 Јуни 2023•Ажурирај: 14 Јуни 2023
КАИРО (АА) - Турист од Русија смртно настрада од напад на ајкула во египетското одморалиште Хургада, пренесува Анадолу.
Како што објавија египетските медиуми, настанот се случил на плажата покрај еден хотел, а жртвата е руски државјанин.
Генералниот конзул на Русија во Хургада, Виктор Воропајев, за руската новинска агенција ТАСС изјави дека смртоносниот напад се случил во четвртокот.
„Русин загина од напад на ајкула“, изјави Воропајев, идентификувајќи ја жртвата како 23-годишен В. Попов.
Вознемирувачка снимка од нападот на ајкулата е објавена на социјалните мрежи.
Очевидците рекоа дека спасувачите се обиделе да го спасат Русинот, но кога стигнале до водата, ајкулата веќе го имала фатено.
Руските медиуми објавија дека жената, наводно девојката на настраданиот, успеала да отплива и да го избегне нападот.