Ekipa
13 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
КАИРО (АА) - Едно од најизолираните населени места во Египет, Оазата Сива, се смета за најголем производител на урми во светот.
Оазата е сместена во депресија, во северниот периферен дел на египетската Западна Пустина (Либиската Пустина), 80 километри од египетската граница со Либија.
Сива е позната по одгледувањето на различни видови урмини палми.
„Урмите се стратешка култура во Египет“, изјави за Аnadolu Agency Гамал Сејам, професор по земјоделска економија на Универзитетот во Каиро.
Тој истакна дека Египет е најголемиот производител на урми во светот.
„Сепак, ова производство не се користи за извоз", рече тој. „Тоа е поради слабиот квалитет на урмите, поради предизвиците со кои се соочува извозот и запоставувањето на развојот на овој сектор“.
Во Сива има околу 700.000 урмини палмини дрвa, кои даваат околу 84.000 тони урми годишно.
Оазата е исто така значаен национален производител на маслиново масло, со вкупно годишно производство од 27.500 тони.
Во октомври, Сива е ставена на листата светски значајни системи на земјоделско наследство (GIAHS) од страна на Организацијата за храна и земјоделство при ОН (FAO).
Египет произведува 1,5 милиони тони урми, кои сочинуваат 20 отсто од целокупното меѓународно производство.
ФАО неодамна покрена стратегија за развој на урмините палми во Египет заедно со министерствата за земјоделство и индустрија.
Потпишан е договор за финансирање на првиот проект за имплементација на стратегијата, со цел подобрување и зголемување на конкурентноста на извозот на египетските урми, што ќе ја зголеми стапката на извоз од 38.000 тони на 120.000 тони годишно, во текот на следните пет години.