Ekip
17 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
КИГАЛИ
Лидерите на економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) вчера одржаа вонреден Самит во главниот град на Гана, Акра, за кризата во Гвинеја, засилувајќи го притисокот врз воената хунта за враќање на земјата кон уставниот поредок, известува Агенција Анадолија (АА).
Ова е втор Самит на лидерите на суб-регионалниот блок од 15 нации, откако со воен удар од власта беше соборен претседателот Алфа Конде на 5 септември.
Во соопштението, лидерите и наложија на хунтата „да обезбеди спроведување на претседателски и законодавни избори во рок од шест месеци со цел да се врати уставното владеење, додека ниту еден член на хунтата не смее да учествува на претседателските избори“.
Блокот, исто така, одлучи да „воведе санкции за забрани за патување на членовите на воената хунта и членовите на нивните семејства и да ги замрзне нивните финансиски средства“.
Денеска во Конакри, главниот град на Гвинеја, треба да пристигне мисијата на ЕКОВАС составена од шефови на држави за да ги претстави резолуциите на Самитот во Акра на хунтата предводена од полковникот Мамади Думбуја.
Воената хунта што го собори Конде вети дека ќе воспостави „влада на национално единство“.
Претходно, при отворањето на состанокот, претседателот на Гана, Нана Акуфо-Адо, кој исто така е претседавач со Блокот, рече дека регионалното тело ќе донесе информирани одлуки во врска со државниот удар во Гвинеја.
„Од нас се бара да донесеме информирани одлуки за овие прашања кои ќе имаат долгорочни последици врз безбедноста и одбраната на демократските вредности на нашиот регион“, рече тој.
„Сметам на вас да помогнете да се понудат трајни решенија за кризата. Уверен сум, како и во минатото, дека ќе се поддржиме по тој повод.“
На Самитот се дискутираше за исходот од мисијата на високо ниво што Блокот ја испрати во Гвинеја минатата недела по виртуелниот итен состанок на лидерите на регионот на 8 септември, кој следуваше по соборувањето на Конде.
ЕКОВАС го суспендира членството на Гвинеја од Блокот и побара безусловно ослободување на Конде.
Делегација предводена од Ширли Ајоркор Бочвеј, министерката за надворешни работи на Гана, минатиот петок ја посети Гвинеја, каде што се состана со воените владетели и соборениот претседател Конде во притвор.
На вчерашниот состанок присутни беа претседателите на Того, Нигер, Буркина Фасо, Либерија, Брегот на Слоновата Коска, Сиера Леоне и Сенегал.
Нигерија беше претставена од нејзиниот потпретседател, додека останатите земји ги испратија своите министри за надворешни работи.