Kasım İleri
13 Јули 2022•Ажурирај: 14 Јули 2022
ВАШИНГТОН (АА) – КАСИМ ИЛЕРИ –
Експерти нагласуваат дека постојат политички, а не воени причини зад тврдењето дека Иран е подготвен на Русија да ѝ даде вооружени беспилотни летала за употреба во Украина.
Изјавата на советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, дека има разузнавачки информации дека Иран наскоро ќе испрати стотици невооружени и вооружени беспилотни летала во Москва за војната во Украина и дека ќе обучи руски војници, иницира голем број прашања.
Меѓу поставените прашања се наоѓа и прашањето зошто на Русија ѝ се потребни ирански вооружени беспилотни летала.
Во изјавата за Агенција Анадолија (AA) на оваа тема, пензионираниот американски бригаден генерал Марк Кимит рече: „Тајмингот на овој предлог е поважен од опремата за која станува збор. Иран ги одложува преговорите за нуклеарната програма. Американскиот претседател [Џо Бајден] оди на Блискиот Исток. [Рускиот претседател Владимир] Путин оди во Техеран. Така што оваа понуда е повеќе политичка отколку воена.“
Кимит за понудата на Иран, споредувајќи ја со поддршката на западните земји за Украина, рече: „Иран, како и западните сили, сака да го поддржи својот сојузник за војната да продолжи.“
На прашањето дали турската и американската платформа која се наоѓа во Украина предизвикаа и Русија да се снабди со дронови, пензионираниот генерал рече дека беспилотните летала „Свичблејд“, дадени од САД и „Бајрактар ТБ-2 СИХА“, дадени од Туркије на Украина се „скапо изненадување“ за Русија.
Според генералот, можеби тоа го натерало Кремљ да бара дронови со слични способности.
Лук Кофи, виш истражувач во Институтот „Хадсон“, истакна дека споделувањата на таа информација од САД е поврзана со некои политички ситуации во земјата.
Истакнувајќи дека особено е интересно тоа што оваа информација протече пред посетата на Бајден на Саудиска Арабија, Кофи рече: „Таквата информација ќе му олесни на Бајден да ги убеди Демократите зошто отиде во Саудиска Арабија и зошто се важни односите меѓу САД и Саудиска Арабија.“
Американскиот експерт истакна дека оваа информација, објавена од Саливан, советникот за национална безбедност на Бајден, исто така може да го отвори патот на САД да се повлечат од тековните преговори со Иран во Виена.
Кофи, исто така, се осврна на фактот дека „САД сѐ уште не се на точката на повлекување од преговорите во Виена.“
Наведувајќи дека смета дека оваа информација за дронови ќе помогне да се зголеми притисокот врз Русија, Кофи рече: „Ужасен имиџ би било за Русија да користи ирански беспилотни летала за да ги гаѓа Украинците.“
Меѓу другото, Кофи подвлече дека оваа информација е споделена со медиумите за да се даде порака дека Русија и Иран соработуваат.
Од друга страна, некои воени експерти кои зборуваат за американските медиуми, нагласија дека Русија изгубила голем број „Орлан-10“ и „Орион“, вооружени беспилотни летала за напад од почетокот на војната и затоа можеби сака да купи од Иран.
Украинската армија имаше клучни придобивки во војната со „Бајрактар TБ-2 СИХА“, кој го купи од Туркије.
Од друга страна, САД доставуваат беспилотни летала „Свичблејд“ за Украина. Тоа ѝ помогна на украинската војска да изврши диверзантски напади врз Руската армија.
Не се очекува иранските вооружени беспилотни летала значително да влијаат на текот на војната, но се очекува да има политички реперкусии.