Zehra Ulucak
24 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
АНКАРА (АА) - Бројот на починатите оваа година од епидемијата на морбили на Филипините, се искачи на 333 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според извештајот на филипинскиот Национален институт за намалување и управување на ризиците од катастрофи, објавен на 22 март на интернет-страницата „ReliefWeb“, од почетокот на годината до 19 март, 333 лица починале како резултат на епидемијата на морбили.
Во извештајот се наведува дека во овој период во земјата биле регистрирани 22.967 случаи на морбили, од кои 4.740 случаи биле регистрирани во подрачјето на Џалабарзон, каде што од оваа епидемија починале 96 лица.
Се вели дека децата на возраст од една до четири години се најмногу погодени од оваа епидемија.
Црвениот крст претходно упати предупредување дека околу 3,7 милиони деца под 5-годишна возраст се под ризик поради епидемијата во земјата.
Претседателот на Црвениот крст на Филипините, Ричард Гордон, нагласи дека имаат цел да достигнат стапка на вакцинирање од 100 отсто.
Филипинскиот претседател Родриго Дутерте минатиот месец упати апел до родителите да ги вакцинираат своите деца против морбили.