Kübra Kara
03 Февруари 2022•Ажурирај: 04 Февруари 2022
КИЕВ (АА) - Република Турција продолжува да ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, вклучително и на Крим, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по состанокот со украинскиот претседател Владимир Зеленски во Киев, главниот град на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган престојува во официјална посета на Киев, каде што се сретна со украинскиот претседател Зеленски.
„Би сакал да повторам дека продолжуваме да ги поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, вклучително и на Крим“, рече Ердоган на прес-конференцијата по состанокот во палатата „Марински“.
Истакна дека во текот на состанокот се разговарало за зајакнување на економската и трговската соработка меѓу двете држави.
„Разговаравме за чекорите што може да се преземат за да се зголеми обемот на трговија на 10 милијарди долари“, додаде Ердоган.
Нагласи дека претставниците на двете земји денеска потпишаа договори за соработка во повеќе области, од образованието до економијата и технологијата.
„Денешните средби во Украина и договорите што ги потпишавме се показател за волјата нашето стратешко партнерство да го подигнеме на уште повисоко ниво“, рече турскиот претседател.
Нагласи исто така дека со претседателот Зеленски разговарал и за кризата меѓу Русија и Украина.
Ердоган ја повтори подготвеноста на Турција да биде домаќин на состанок на лидерите или техничките делегации на Русија и Украина.
„Турција е подготвена да го направи својот дел од работата за ставање крај на кризата меѓу двете пријателски земји во регионот на Црното Море“, рече Ердоган.
Ердоган за време на посетата на Киев присуствуваше на десеттиот состанок на Стратешкиот совет Турција-Украина. На состанокот се разговараше за односите меѓу Турција и Украина на ниво на стратешко партнерство, а разговарано е и за можностите за натамошно зајакнување на соработката меѓу двете земји.
Во турската делегација што пристигна во Украина беа и сопругата на претседателот, Емине Ердоган, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за одбрана Хулуси Акар, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, министерот за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез, министерот за индустрија и технологија Мустафа Варанк и шефот на Канцеларијата за одбранбена индустрија при Кабинетот на турскиот претседател, Исмаил Демир, шефот на Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на претседателот на Турција, Фахретин Алтун, и портпаролот на претседателскиот Кабинет Ибрахим Калин.