Talha Yavuz
03 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за иницијативата да биде посредник помеѓу Украина и Русија на патот за ставање крај на војната, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски во Киев, по состанокот на Високиот стратешки совет и церемонијата на потпишување на договорот за соработка меѓу двете земји, одржа прес-конференција со турскиот претседател Ердоган.
Зеленски потсети дека пред 30 години се воспоставени дипломатските односи меѓу двете земји, а соработката што трае и денес е крунисана со важен настан.
Истакна дека е потпишан Договорот за слободна трговија меѓу двете земји.
„Ова е историски настан. Им честитам на сите и на нашите пријателски народи“, рече Зеленски.
Тој потсети дека пред потпишувањето на договорот, дури и минатата година, обемот на трговска размена е зголемен на седум милијарди долари.
„Тоа покажува дека е можно да се постигне зацртаната цел од десет милијарди долари. „Договорот за слободна трговија ќе ни помогне побрзо да ја постигнеме таа цел“, смета украинскиот претседател.
Додаде дека денеска се разговарало и за безбедноста и мирот.
Рече дека меѓу главните теми биле постоечките потешкотии и начините за нивно отстранување.
Тој му се заблагодари на Ердоган и за поддршката на Турција на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и на Крим.
„Му благодарам на претседателот Ердоган на иницијативата да биде посредник помеѓу Украина и Русија на патот кон ставање крај на војната. Подготвени сме на сите платформи да направиме она што можеме за мир во Украина“, рече Зеленски.
Додаде дека се разговарало и за соработката во областа на одбранбената индустрија и авијацијата.
„Ова е една од силите што го унапредуваат нашето стратешко партнерство. Нашата цел се заедничките проекти во областа на одбраната, иницијативите, размената на искуства и технологија. Со договорот потпишан денеска ќе се прошири производството на беспилотните летала БАЈКАР во Украина“, рече Зеленски.
Истакна дека станало збор и за енергетската безбедност во регионот, но дека и покрај пандемијата на Ковид-19, околу два милиони туристи од Украина ја посетиле Турција.
Во согласност со тоа, рече Зеленски, тие ги поддржуваат иницијативите за отворање конзулати на Турција во Харков и Лавов, а конзулатот на Украина во Анталија ќе биде генерален конзулат.
„Искрено верувам дека нашето пријателство ќе ги зајакне заедничките победи, а не заедничките закани“, рече Зеленски.