Büşra Nur Çakmak
29 Април 2022•Ажурирај: 29 Април 2022
ЏЕДА (АА) - Турција и Саудиска Арабија се стремат да ги зголемат сите видови политички, воени и економски односи за да започнат нова ера, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ја посетивме Саудиска Арабија на покана на Хадиму'л Харемејн“, или „Служителот на Мека и Медина““, рече Реџеп Таип Ердоган, мислејќи на саудискиот крал Селман бин Абдулазиз ал Сауд.
„Како две братски земји со историски, културни и хумани односи, се стремиме да ги зголемиме сите видови политички, воени и економски односи меѓу нас и да започнеме нова ера“, напиша Ердоган на Твитер.
„Зголемената соработка со Саудиска Арабија во здравството, енергетиката, безбедноста на храната, земјоделските технологии, одбранбената индустрија и финансиите е од заеднички интерес“, рече Ердоган, додавајќи дека двете земји имаат сериозен потенцијал за соработка во технологиите за обновлива и чиста енергија.
Ердоган истакна дека Турција придава големо значење на безбедноста и стабилноста на регионот на Персискиот Залив.
„Во секоја пригода истакнуваме дека придаваме исто толку важност на стабилноста и безбедноста на нашите браќа во регионот на Персискиот Залив, како и на нашата“, рече турскиот претседател.
„Ние нагласуваме дека сме против сите форми на тероризам и дека придаваме важност на соработката со земјите од нашиот регион против тероризмот“, додаде тој.
„Верувам дека нашите односи ќе ги доведеме на ниво над она што беа претходно“, рече Ердоган, додавајќи дека неговата посета за време на светиот месец Рамазан „ќе ги отвори вратите на нова ера со нашиот пријател и брат Саудиска Арабија“.
Кралот Селман синоќа го прими претседателот Ердоган со официјална церемонија во градот Џеда.
Двајцата лидери одржаа состанок зад затворени врати во кралската палата „Ал Салам“.
Ердоган се сретна и со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман.
Претходно, турскиот претседател пристигна во дводневна работна посета на Саудиска Арабија.