Zeynep Rakipoğlu
09 Септември 2023•Ажурирај: 10 Септември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати порака на поддршка до мароканскиот народ по силниот земјотрес кој ја потресе нивната земја, извесува Анадолу.
„Посакувам Божја милост за сите кои смртно настрадаа и брзо закрепнување на повредените. Стоиме покрај нашите марокански браќа со сите расположливи средства во овие тешки моменти“, рече Ердоган во пораката на социјалната мрежа Х.
Најмалку 632 лица загинаа, а 392 се повредени во силниот земјотрес кој го потресе Мароко, соопшти денес мароканското МВР.
Смртни случаи во земјотресот со магнитуда од 7 степени се забележани во повеќе региони, вклучувајќи ги и провинциите Ал Хауз и Маракеш, како и во градовите Азилал, Уарзазат, Тароудант и Чичауа.
Ова е најсилен земјотрес што ја потресол оваа северноафриканска земја во последните 100 години, соопшти Националниот институт за геофизика на Мароко.
Геолошкиот завод на САД објави дека епицентарот на земјотресот, кој се случи во 23:10 часот по локално време, бил 75 километри југоисточно од Маракеш, на длабочина 18,5 километри.
Ситуацијата е посебно тешка во регионот Маракеш, каде бројни згради се урнати и голем број жители се под урнатините.
Земјотресот, исто така, се почувствува и во соседните земји Алжир и Мавританија.
Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.
На социјалните мрежи луѓето објавуваат фотографии на сограѓани како излегуваат на улиците по земјотресот, како и од моментите на уривање на зградите.