Diyar Güldoğan
09 Септември 2023•Ажурирај: 09 Септември 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Денес во Њу Делхи, главниот град на Индија, започна 18. Самит на лидерите на земјите на Г20, под мотото „Една Земја, едно семејство, една иднина“, известува Анадолу.
Премиерот на Индија, Нарендра Моди им посака добредојде на светските лидери кои пристигнаа на самитот.
Дводневиот самит се одржува во новоотворениот Конгресен центар „Прагати Мајдан“, каде се наоѓа и статуата на Натараја, индиски бог на танцот, како важен симбол на космичката енергија, креативност и моќ.
Лидерите на Г20, во отсуство на претседателот на Русија, Владимир Путин, и претседателот на Кина, Ши Џинпинг, ќе разменат мислења на три сесии, надевајќи се дека ќе постигнат напредок во областа на трговијата, климатските промени и други глобални проблеми.
- Сесија „Една Земја“
Самитот започна со сесијата „Една Земја“, а подоцна лидерите ќе присуствуваат на сесијата „Едно семејство“.
Светските лидери на 10 септември (недела) ќе положат цвеќе на гробот на Махатма Ганди во Њу Делхи, пред церемонијата на садење дрвја.
По третата сесија „Една иднина“, се очекува лидерите да ја усвојат декларацијата на самитот во Њу Делхи во која ќе биде искажана посветеноста кон приоритетите за кои се дебатирало и се договорени во текот на состаноците на министерствата и на работните групи.
Г20, исто така, е близу и до договорот за прием на Африканската унија, блок од 55 земји, во членството на групата.
- Самит Г20
Г20 или Група 20 е меѓувладин форум кој се состои од 19 земји и Европската унија (ЕУ). Работи на решавање на главни прашања поврзани со глобалната економија, како што се меѓународната финансиска стабилност, ублажување на климатските промени и одржлив развој.
Г20 е формиран 1999 година, како одговор на неколку светски економски кризи.
Групата 20 ја сочинуваат: Австралија, Канада, Саудиска Арабија, САД, Индија, Русија, Јужна Африка, Туркије, Аргентина, Бразил, Мексико, Франција, Германија, Италија, Велика Британија, Кина, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја и ЕУ.
Индија претседава со Г20 од 1. декември 2022 година до 30. ноември 2023 година.