Sena Güler,Diyar Güldoğan
26 Октомври 2018•Ажурирај: 27 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Три недели по исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги и една недела откако саудиските официјални претставници признаа дека тој бил убиен во нивниот Конзулат, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прашува каде завршило телото на Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
„Јасно е дека Кашоги е убиен, но каде, мора да го покажете телото“, изјави турскиот претседател Ердоган во своето обраќање пред група претседатели на владејачката Партија за правда и развој, АК Партија за областите низ Турција.
Тој додаде дека убиецот е веќе познат на Саудиска Арабија, и е меѓу 18-те осомничени од страна на саудиските официјални претставници.
„Овие 18 лица знаат од кого е убиен Кашоги, бидејќи сторителот е меѓу нив. Кој е внатрешниот соучесник, ќе го откриете тоа“, додаде Ердоган.
Џамал Кашоги, колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), за последен пат е виден на 2 октомври при влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул.
По неколкудневно негирање дека имаат какви било сознанија за Кашоги, саудиските претставници минатата недела признаа дека новинарот е убиен во просториите на Конзулатот.
Претходно оваа недела, медиумите цитираа саудиски официјален претставник кој вели дека телото било предадено на „локален соработник“ да се погрижи за него, но ниту еден саудиски официјален претставник не се осврна на тоа каде се наоѓа телото.
Ердоган, исто така, изјави дека Саудиска Арабија в недела испраќа главен обвинител во Турција, кој ќе разговара со нивниот обвинител во Истанбул.
Тој, исто така, изјави дека Турција ги споделила своите информации и документи во врска со случајот со Кашоги со заинтересираните релевантни страни, и ги споделила и со Саудиска Арабија.
Тој упати повик до Кралството да ги предадат уапсените во Турција за да им се суди во истата земја каде што и се случи инцидентот.