ЕРЕВАН (AA) - АЈШЕ САРИОГЛУ -
Степан Григорјан, шеф на Аналитичкиот центар за глобализација и регионална соработка на Ерменија и поранешен пратеник од партијата Панерменско национално движење, рече дека неговата земја мора да се сретне со Турција и Азербејџан, но тоа треба да го направи без посредници, како што е Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Григорјан даде оценка за односите меѓу Турција и Ерменија по Втората војна за Карабах и за ефектите од војната врз регионот.
Наведувајќи дека по Втората војна за Карабах се појавила можност за нормализација на односите меѓу Турција и Ерменија, Григорјан истакна: „Ерменија ја загуби војната и во моментов е слаба. Владата мора да преговара со Турција и Азербејџан, но тоа мора да се спроведе без посредници како што е Русија. Процесот треба да продолжи со билатерални преговори, а не со групни разговори“.
Тој наведе дека Турција може да биде алтернатива на Русија во регионот. „Турција е земја која размислува логично и може да ги предвиди нештата. Надворешната политика на Турција не ја оценувам на начин дали таа ми се допаѓа или не. Турција води сериозна надворешна политика во согласност со нејзините интереси.“
- „Турција сака да има автопати и железници до Азербејџан, Ерменија, Нахчиван и Централна Азија“ -
Истакнувајќи дека е разумно барањето на Турција и Азербејџан да се отвори коридор во регионот Зангезур, Григорјан продолжи со зборовите: „Турција сака да има патишта и железници кон Азербејџан, Ерменија, Нахчиван и Централна Азија. Со тоа сака да биде блиску со земјите од регионот со кои има заедничка историја, култура и јазици. Тоа е многу разбирливо. Не можеме да кажеме дека тоа е спротивно на интересите на Ерменија. Русија го поддржува тоа и ја притиска Ерменија во таа насока.“
Григорјан вели дека терминот „коридор“ предизвикува непријатност во Ерменија, и перцепција дека контролата целосно ќе помине под Турците и Русите, и додаде: „За ова има приговори од националистичките кругови. Ние сме демократска земја. Кругови блиски до азербејџанскиот претседател Илхам Алиев наведуваат дека она што се подразбира под коридор не е поврзано со суверенитетот на Ерменија. Мислам дека Русија манипулира со страните за ова прашање и затоа верувам дека треба да се преговара без посредник.“
- „Денес имаме поголеми шанси за воспоставување мир“ -
Нагласувајќи дека Турција има потенцијал да биде одржлив и доверлив партнер на Ерменија, Григорјан истакна: „Поддршката и сојузот на Турција со Азербејџан е разбирлива и не е отворена за дискусија. Притоа, таа може да воспостави разумни и избалансирани односи и со Ерменија. Истото важи и за Ерменија. Треба да се гледа на воспоставување директни канали за односи со Турција и Азербејџан, а не преку Русија. Не велам дека тоа ќе биде лесно. Да, има несогласувања во однос на многу прашања, но преговорите мора да почнат.“
Тој потсети дека прашањето за Карабах го блокира процесот во првите разговори за нормализација на односите меѓу Турција и Ерменија. „Азербејџан во моментов зазеде седум региони во Карабах. Го контролира поголемиот дел од Карабах, вклучувајќи ги Шуша и Хадрут. Денес имаме поголеми шанси за воспоставување мир. Партиите веќе можат да седнат на маса без посредници.“
- „Русија не е доверлив партнер за нас, Турција е посигурна“ -
Григорјан изјави дека многу кругови ја критикуваат Турција за неуспехот на протоколарниот период меѓу двете земји, но истакна дека и Ерменија направила грешки. „И ние направивме грешки. Нашите врски со Русија беа многу тесни и таа не сакаше процесот да успее. Колку и да се чинеше дека го поддржува потпишувањето на протоколите од Цирих во 2009 година, сепак, сметам дека навистина не беше искрена во врска со тоа.“
Нагласувајќи дека Русија не сакала Ерменија да воспостави добри односи со Азербејџан и Турција за време на протоколарниот период, Григорјан рече: „Во тоа време, со погрешна одлука, безбедноста и економијата на земјата во целост ѝ беа доверени на Русија. Во последната војна, Русија ни рече ‘Извинете, нашиот интерес не е да ве заштитиме во моментов’ и нѐ остави сами на себе. И покрај ставот на Западот, Ерменија зазеде став во корист на Русија во Обединетите нации, Советот на Европа и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Русија, заблагодарувајќи се на сето тоа, ѝ го сврте грбот на Ерменија во војната во Карабах. Русија не е доверлив партнер за нас, Турција е посигурна.“
- Порака за соработка од претседателот Ердоган -
Претседателот Реџеп Таип Ердоган во заедничката програма на ТРТ емитувана на 30 ноември, во врска со средбата на рускиот претседател Владимир Путин со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан што се одржа на 26 ноември, изјави:
„Благодарение на оваа средба, разрешено е прашањето за изградба на железница и автопат по течението на реката Арас. Заедно со овој чекор што треба да се направи, тука е и прашањето за автопатот што ќе дојде до Игдир.“
Со прашањето за автопатот ќе се надмине проблемот, особено за Нахчиван, а од друга страна, Азербејџан ќе направи многу успешен чекор, при што, поминувајќи низ територијата на Ерменија, ќе се поврзе со Игдир. Покрај тоа, ќе се направи важен чекор и во транспортот на луѓе и товар, како со патниот, така и со железничкиот сообраќај. Претходно ја имавме претставено шестчлената платформа. Откако дознавме дека овој план има позитивен развој, со активирањето на шестчлената платформа со Русија, Турција, Азербејџан, Ерменија, Иран и доколку прифати и Грузија, многу јасно ќе бидат демонстрирани регионалниот мир и регионалниот спокој.“