Beyza Binnur Dönmez
08 Август 2024•Ажурирај: 12 Август 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Европската Унија (ЕУ) силно ги осуди неодамнешните изјави на израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, дека може да биде оправдано да се дозволи цивилите во Газа да умрат од глад, јавува Анадолу.
„Намерното изгладнување на цивилите е воено злосторство“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, во изјавата доцна синоќа.
Тоа што Смотрич рече дека „можеби е оправдано и морално“ да се дозволи Израел „да предизвика два милиона цивили да умрат од глад“ додека „заложниците не се вратат“ „е повеќе од срамота“, рече Борел, додавајќи: „Тоа, уште еднаш, го покажува неговиот презир кон меѓународното право и кон основните принципи на човештвото.“
Апелирајќи до израелската Влада да се дистанцира од таквите изјави, Борел побара да се воспостави транспарентност за пријавените дела на тортура во затворот Сде Тејман.
„ЕУ продолжува да го повикува Израел да ги спроведе релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН и обврзувачките наредби на Меѓународниот суд на правдата и да обезбеди целосен и непречен пристап на хуманитарна помош за потребите на голем број цивили, вклучително и стотици илјади деца, кои живеат во екстремно тешки услови и изложени се на глад и болести во Газа“, рече тој.
Тој го повтори повикот на Унијата за итен прекин на огнот што ќе доведе до ослободување на сите заложници и значително и одржливо зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа.
Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 40.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 91.000 се повредени.
По десет месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои и блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се наложи веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.