Ekipa
03 Септември 2021•Ажурирај: 05 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) и шведско-британската фармацевтска компанија „АстраЗенека“ го решија правниот спор што го имаа, објави ЕУ денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со новиот договор, „АстраЗенека“ се обврза да испорача 135 милиони дози вакцини против Ковид-19 до крајот на оваа година, со што ќе ги надополни веќе испорачаните 100 милиони дози.
До крајот на март 2022 година, за ЕУ ќе бидат обезбедени уште 65 милиони дози, со што вкупниот број на вакцини ќе достигне на 300 милиони, што и првично беше договорено во рамки на куповниот договор помеѓу Блокот и „АстраЗенека“ во 2020 година.
Со спогодбата се става крај на правниот случај пред судот во Брисел.
Двете страни се спорат околу испораките од јануари.
„АстраЗенека“ беше жестоко критикувана од официјалните претставници на ЕУ откако најави одложување на испораката поради „намалениот приход на производственото место“, додека продолжи да ги снабдува британските здравствени власти кои ја одобрија вакцината еден месец пред ЕУ.
„АстраЗенека“ тврдеше дека тие првин потпишале договор со Велика Британија пред да потпишат со ЕУ и ветија дека ќе достават вакцини до Блокот во најкраток разумен рок.
Компанијата првично потпиша да достави 300 милиони дози вакцини до јули, но испорача само 30 милиони од договорените 120 милиони во првиот квартал оваа година и најави дека подоцна ќе испорача 70 милиони од 180-те милиони.
Во април, ЕУ започна правен случај против „АстраЗенека“ за прекршување на своите обврски.
Во јуни, судот во Брисел ја донесе својата првостепена одлука што и двете страни ја протолкуваа како победа, секоја бранејќи ги своите тврдења.
Процедурата требаше да продолжи во септември, но партнерите се согласија да ја повлечат со спогодба.