Burak Bir
03 Октомври 2024•Ажурирај: 04 Октомври 2024
ЛОНДОН (АА) - Европската Унија (ЕУ) денес објави дека ќе даде дополнителна хуманитарна помош во вредност од 30 милиони евра за Либан, со што вкупниот износ ќе достигне над 100 милиони евра за 2024 година, јавува Анадолу.
Помошта ќе биде наменета за оние на кои им е најпотребна во Либан, а доаѓа како додаток на веќе објавените 10 милиони евра на 29 септември, се вели во соопштението на Европската комисија.
Се вели дека најновиот пакет, кој ќе обезбеди итна помош со храна, засолниште и здравствена заштита, меѓу другата суштинска поддршка, вредноста на помошта достигнала вкупен износ од над 104 милиони евра.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја изрази својата загриженост поради „постојаната ескалација на тензиите“ на Блискиот Исток, апелирајќи до страните да направат сѐ за да ги заштитат животите на невините цивили.
„Денес, ја засилуваме нашата хуманитарна помош за народот на Либан. Нашето ново финансирање ќе обезбеди цивилите да ја добијат помошта која е многу потребна во овој многу тежок период“, рече таа.
„Продолжуваме да повикуваме на прекин на огнот преку границата со Либан и во Газа, како и за ослободување на сите заложници“, додаде Фон дер Лајен.
Генералниот секретар на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, вчера предупреди дека болниците во Либан се „преоптоварени“ од приливот на повредени пациенти поради тековниот конфликт меѓу Израел и Хезболах.
Регионалните тензии ескалираа поради бруталната офанзива на Израел врз Појасот Газа, во која загинаа речиси 41.700 луѓе, главно жени и деца, по нападот на Хамас во октомври минатата година.
Конфликтот се прошири во Либан, а Израел започна со смртоносни напади низ земјата, во кои од 23 септември загинаа 1.928 луѓе, а беа повредени речиси 9.300 други.
Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади во Либан би можеле да го прераснат конфликтот во Газа во поширока регионална војна.