Şerife Çetin
09 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
БРИСЕЛ (АА) – Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лејен, рече дека треба да се обезбеди поддршка за Турција и Грција поради товарот што го земаат за мигрантите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фон дер Лејен одржа прес-конференција по повод 100-тиот ден откако е претседателка на Комисијата.
Истакнувајќи дека кога ја презела функцијата, договорот за мигранти помеѓу Турција и Европската Унија не бил на дневен ред, Фон дер Лејен рече дека и покрај тоа ЕУ треба да најде трајно решение за проблемот со миграцијата.
„Денес сме во длабока дилема. Ситуацијата на границата меѓу Турција и Грција укажува на притисок од политички причини. Мигрантите имаат потреба од помош“, нагласи Фон дер Лејен.
Истакнувајќи дека „притисокот“ на границата треба да се намали, Фон дер Лејен рече: „Треба да се обезбеди поддршка на Турција и Грција поради товарот што го земаат за мигрантите.“
Фон дер Лејен, исто така, рече дека за темата ќе се разговара на средбата помеѓу претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
- Европските земји ќе ги земаат децата мигранти
Нагласувајќи дека ситуацијата во мигрантските кампови во Грција е многу сериозна, Фон дер Лејен изјави дека е особено загрижена за децата мигранти кои немаат придружба.
Укажувајќи дека е неопходна итна грижа за овие деца, Фон дер Лејен истакна дека побарала помош од земјите членки на ЕУ.
Нагласувајќи дека Франција, Португалија, Луксембург, Финска и Германија се согласиле да примаат деца мигранти што немаат придружба, Фон дер Лејен рече дека е потребна поголема помош.
Фон дер Лејен, истакнувајќи дека за мигрантите од Сирија ќе се обезбеди помош од 60 милиони евра, додаде: „ЕУ е поподготвена од 2015 година, но треба да бидеме уште поподготвени.“
Таа, исто така, истакна дека ЕУ ќе го објави новиот договор за миграција во април.