Ahmet Gençtürk,Ekip
18 Август 2022•Ажурирај: 19 Август 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) ја поздрави одлуката на Туркије и Израел да назначат амбасадори со цел нормализирање на односите меѓу двете земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ја поздравувам најавата меѓу Туркије и Израел за обновување на целосните дипломатски врски“, напиша на Твитер еврокомесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји.
Неговите коментари следуваат откако Туркије и Израел вчера објавија дека ќе ги обноват дипломатските односи и меѓусебно ќе назначат амбасадори и конзули.
Вархеји го нарече договорот „уште една пресвртница за зајакнување на билатералните односи, стабилизирање на регионот и поттикнување просперитет“.
„ЕУ е подготвена да поддржи воспоставување нови основи за соработка“, додаде тој.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во својот говор во кој го најави обновувањето на дипломатските односи со Израел, истакна дека Туркије „ќе продолжи да ги брани правата на Палестина, Ерусалим и Газа, и дека е важно нивните пораки директно да се пренесат до Тел Авив на ниво на амбасадор“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера имаше телефонски разговор со израелскиот премиер Јаир Лапид на тема билатералните односи и регионалните прашања.
Ердоган изјави дека го поддржува развојот на соработката и дијалогот меѓу двете земји изградени на одржлива основа и почитување на меѓусебната чувствителност.
Тој, исто така, го изрази своето задоволство од напредокот постигнат во односите според рамката договорена за време на неодамнешните посети на Турција од страна на Лапид и израелскиот претседател Исак Херцог.
Посетата на Херцог на Туркије во март, проследена со реципрочни посети на министрите за надворешни работи на двете земји, придонесе за ублажување на односите по повеќе од една деценија тензии.