Şerife Çetin
18 Април 2019•Ажурирај: 20 Април 2019
СТРАЗБУР (АА) - Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Федерика Могерини, истакна дека Европската Унија (ЕУ) во билатералните односи со Кина ја пренесува пораката дека човековите права не се помалку важни од економските интереси, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на седницата во врска со ситуацијата со човековите права во Кина на Генералното собрание на Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур, Могерини потсети дека ЕУ во последно време воспоставила поинтензивна соработка со Кина.
Таа, нагласувајќи дека соработката се заснова на чесни и отворени принципи, рече: „Во нашите билатерални односи со Кина ја пренесуваме јасната порака дека човековите права не се помалку важни од економските интереси.“
Могерини, исто така, истакна дека во Кина има напредок во областа на економските и социјалните права, но дека од аспект на човековите права ситуацијата е влошена и дека кршењето на основните слободи продолжува.
„Сите сме ги виделе извештаите за политичките образовни кампови, за масовниот надзор и ограничувањето на патувањето насочени кон Ујгурите во подрачјето на Ујгурскиот Автономен Регион Синџианг и кон другите малцинства“, истакна Могерини.
Таа додаде дека на состаноците со кинеските официјални претставници, тие прашања се ставаат на дневен ред и дека ЕУ треба да дејствува доследно, особено во однос на човековите права.