Ata Ufuk Şeker
04 Април 2024•Ажурирај: 05 Април 2024
БРИСЕЛ (АА) - Институциите на Европската Унија (ЕУ) се договорија да формираат фонд од шест милијарди евра за зајакнување на економските односи со земјите од Западен Балкан, јавува Анадолу.
Советот на ЕУ соопшти дека е постигнат договор за основање фонд за реформи и раст, за кој преговараа земјите членки и Европскиот парламент (ЕП) и кој е главен елемент на Планот за раст на Западен Балкан.
Наведено е дека со фондот, во периодот од 2024 до 2027 година, на партнерите на ЕУ од Западен Балкан ќе им бидат обезбедени две милијарди евра грантови и четири милијарди евра кредити.
Соопштено е дека фондот ќе го дополни постојниот Инструмент за претпристапна помош (ИПА III), со што значајно ќе се зголеми финансиската помош што им се дава на партнерите во регионот.
Се наведува дека фондот ќе ги поддржи реформите поврзани со ЕУ во земјите од Западен Балкан и ќе го поттикне економското приближување меѓу ЕУ и регионот.
По оваа фаза фондот ќе стапи во сила по официјалното одобрување на ЕП и земјите членки.
Минатата година Европската комисија подготви нов план за раст на Западен Балкан, со цел зголемување на економскиот раст и забрзување на социоекономската конвергенција.
Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан има цел да се иницираат социоекономски реформи на Западен Балкан, унапредување на економскиот раст и усогласување со ЕУ.
Планот има цел зајакнување на економските односи на ЕУ со Северна Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.