Ömer Tuğrul Çam
01 Септември 2020•Ажурирај: 01 Септември 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) соопшти дека по изборите во Црна Гора ќе продолжи да го поддржува процесот на пристапување на земјата во ЕУ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Жосеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, во писмената изјава во врска со изборите одржани викендот во Црна Гора рече дека меѓународните набљудувачи забележале дека изборите се одвивале мирно и со голем процент на излезеност.
Потсетувајќи дека првите извештаи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) се дека изборите се одвивале транспарентно, Борел рече дека од друга страна забележана е поларизација за некои прашања пред изборите, како и дека имало неизбалансирано известување во медиумите во корист на владејачката партија.
Борел истакна дека очекуваат формирање на нов Парламент и нова Влада што ќе продолжи да се движи кон членството во ЕУ.
Тој, исто така, посочи дека што е можно поскоро во земјата треба да се направат политички и економски реформи.
„ЕУ ќе продолжи да го поддржува процесот за пристапување на Црна Гора и нејзиното економско закрепнување по кризата поради Ковид-19“, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност,Жосеп Борел.