Mustafa Deveci
13 Април 2018•Ажурирај: 13 Април 2018
РАМАЛА (AA) - Во текот на масовните демонстрации под називот „Голем марш за враќање“, на границата на Појасот Газа и Израел ранети се повеќе од 500 Палестинци, јавува Anadolu Agency (AA).
И покрај израелските закани, Палестинците продолжуваат со мирни демонстрации со кои сакаат да укажат на проблемите со кои се соочуваат. Палестинците петочната молитва (џума намаз) ја извршија во близина на границата после што почнаа масовни демонстрации.
За време на денешните демонстрации, трети петок по ред, ранети се 528 Палестинци, се потврдува од Министерството за здравство во Газа. И овој петок, израелските војници користеа претерана сила. Употребуваа солзавец, гумени и боеви куршуми.
Од Министерството е наведено дека 122 лица се ранети со боеви куршуми. Нагласија дека се хоспитализирани 203 лица.
Како што дознава АА, ранети се и двајца новинари кои го следеле овој настан.
Во протестите, кои се одржуваат секој петок од 30. март, загинаа 34 Палестинци, а ранети се повеќе од 3.000.
Илјадници Палестинци на границата со Газа веќе три недели по ред мирно протестираат и го одбележуваат Денот на земјата за да се присетат на 30 март 1976 година кога Израел од нив одзел илјадници хектари земјиште.
Денот на земјата се одбележува во Палестина од 1976 година, и тоа, на некој начин е симбол на отпорот на Палестинците за да ја добијат назад својата земја, а воедно и да укажат на одговорноста на меѓународната заедница за заштита на правата на палестинскиот народ, основање на независна држава Палестина и враќање на палестинските бегалци.
Палестинците во петок на границата со Газа почнаа мирен Марш на големо враќање кој со различни манифестации ќе трае шест седмици.