Nuran Erkul Kaya,Bahattin Gönültaş
23 Јануари 2026•Ажурирај: 26 Јануари 2026
ДАВОС/ИСТАНБУЛ (АА) - 56-от годишен Светски економски форум (СЕФ) што се одржа во швајцарскиот град Давос заврши денес, јавува Анадолу.
Форумот годинава се одржа под мотото „Дух на дијалогот“ и опфати повеќе од 250 сесии, со учество на околу 3.000 претставници од над 130 земји. На настанот присуствуваа бизнисмени, политичари, лица од академската фела и претставници на невладини организации.
Вкупно 64 светски лидери и премиери од различни држави учествуваа на форумот, каде што се дискутираше за глобалните неизвесности, геополитичките и геоекономските ризици, состојбите во светската економија, технолошката трансформација, вештачката интелигенција и одржливиот развој.
Годинешниот форум беше оценет како еден од најинтензивните во последните години, особено поради враќањето на американскиот претседател Доналд Трамп на меѓународната сцена.
Трамп привлече големо внимание со своите радикални предлози во контекст на односите со Европа, при што учесниците чекаа во долги редици за да присуствуваат на неговиот говор.
Тој ги ублажи загриженостите околу Гренланд, исклучувајќи ја можноста за воена интервенција на островот, и се повлече од најавите за воведување царини кон сојузниците, откако беше постигнат рамковен договор за идни преговори.
Американскиот претседател ја пофали состојбата на економијата на САД, повторувајќи ја, како што рече, апсолутната доминација на земјата во областа на вештачката интелигенција, додавајќи дека може целосно да ги запре технолошките трансфери кон Кина.
Технологијата и вештачката интелигенција беа во фокусот на дискусиите во Давос оваа година. Инвестициите во ВИ, за кои се смета дека суштински ќе ги променат моделите на производство и потрошувачка, беа оценети како клучен двигател на економскиот раст.
Меѓу најзначајните резултати од форумот се издвојуваат кредитната поддршка од 90 милијарди евра за Украина, како и иницијативата за формирање „Одбор за мир“.