Ahmet Kaplan,Mehmet Arif Altunkaynak
08 Ноември 2019•Ажурирај: 08 Ноември 2019
ШИРНАК (АА) - Во рамките на договорот од Сочи, заврши третата заедничка копнена патрола која турските и руските војници ја реализираа во источниот дел на Еуфрат во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во оваа патрола реализирана со цел обезбедување на безбедносната зона во Сирија, учествуваа оклопни возила како и беспилотни летала.
Конвојот на Турските вооружени сили (TSK), составен од 4 оклопни возила, за да се приклучи на заедничката патрола со Руската војска ја премина турско-сириската граница од селото Алакамиш во областа Идил, Ширнак. Оваа патрола беше реализирана во зона помеѓу Камишли и Дерик. Патролата траеше 3 часа и 45 минути.
Со третата заедничка копнена патрола, Турските вооружени сили за прв пат влегоа во источниот дел на Камишли.
По завршување на патролата, конвојот на ТСК се врати на граничната линија. Голем број медиуми ги следеа настаните на нултата точка од границата.
Селото Алакамиш од областа Идил, која се наоѓа на нулта точка на границата со Сирија, претходно се споменуваше како место од каде што терористите на ПКК се обидуваа да влезат во Турција.
Како дел од договорот во Сочи, првата турско-руска заедничка копнена патрола беше спроведена во петокот, 1 ноември, во регионот на 40 километри источно од Рас ал Ајн и на 30 километри западно од Камишли, а втората заедничка патрола беше спроведена на 5 ноември меѓу истокот на Ајн ал Араб и западниот дел на Тел Абјад.