Aşkın Kıyağan
26 Јуни 2019•Ажурирај: 29 Јуни 2019
ВИЕНА (АА) - Во 2017 година е забележан значаен пораст во бројот на лица консументи на дрога, а според податоците на Обединетите нации (ОН), во таа година дрога консумирале најмалку 271 милион лица, пишува Anadolu Agency (AA).
Во Кабинетот на ОН за борба против наркотици и криминал (UNODC) во Виена е одржана прес-конференција на која е претставен најновиот извештај за користењето наркотици во 2017 година.
Во извештајот се предупредува дека е значително поголем бројот на лицата кои поради консумирање дрога се соочени со болести и чекаат на лекување. Во 2016 година, 30,5 милиони лица во светот биле соочени со болест предизвикана од консумирање дрога, додека овој број во 2017 година е зголемен на дури 35 милиони.

Нагласено е, исто така, дека во 10 земји со голема населеност, како што се Индија и Нигерија, забележан е значаен пораст во консумирањето дрога.
- 5,5 отсто од светската популација консумирала дрога
Според извештајот, во 2017 година најмалку 271 милион лица низ светот консумирале дрога, а доколку се земе предвид категоријата возраст од 15 до 64 години, тоа сочинува 5,5 отсто од жителите на светот.
Во периодот од 2009 до 2017 година консумирањето дрога и наркотици во светот е зголемено за 30 отсто, што е еквивалент за 10 отсто на светската популација на возраст од 15 до 64 години.
Во 2017 година, 188 милиони луѓе користеле марихуана, 29 милиони користеле амфетамини, 21 милион луѓе екстази, додека околу 18 милиони луѓе во светот користеле кокаин.
Истата година низ светот починале најмалку 585.000 лица поради консумирање дрога, од кои третина, поради користење на различни опиоди. Исто така, најмалку 11 милиони лица земале дрога со вбризгување, односно инјекција, меѓу кои 1,4 милион заразени со ХИВ, а 5,6 милиони имаат вирус хепатитис Ц.
- Рекордно производство на кокаин
Во 2017 година низ светот е соборен рекордот кога станува збор за производство на кокаин. Во однос на претходната година, кога се произведени речиси 1.976 тона кокаин, ова количество во 2017 година се зголемило дури за 25 отсто.
Бројот на смртните случаи, поради прекумерно користење синтетички опијати во Северна Америка е значително зголемен - во 2017 година во САД починале 47.000 лица, а во Канада намалку 4.000.
Уште еден синтетички опијат „трамадол“ стана сѐ пораспространет во Западна, Централна и Северна Африка. Низ светот во 2010 година се запленети 100 килограми трамадол, додека количеството во 2013 година се зголемило на 9 тона, а во 2019 година, дури на 125 тона.
Најмалку 12,6 милиони млади лица на возраст од 12 до 17 години консумирале марихуана во 2017 година, додека таа бројка една година претходно изнесувала 11,3 милиони.
Во извештајот е наведено дека жените, во споредба со мажите во светот, повеќе консумираат наркотични средства кои резултираат со зависност, а овој податок е добиен по истражувањата објавени во 14 европски земји и во земјите на Јужна и Средна Америка.
Кога станува збор за превенција и лекување од зависност, во извештајот е наведено дека службите за таа цел во голем број делови од светот се неадекватни, а тоа е особено забележливо во затворите, каде што е сѐ поголема стапката на жени кои страдаат од болести предизвикани со консумирање дрога.
Претседателот на Кабинетот на ОН за борба против наркотици и криминал, Јури Федатов, изјави дека во 2017 година, поради консумирање дрога починале повеќе од половина милион луѓе кои можеле да се излекуваат.
Тој порача дека за превенција и лекување е потребна соработка на глобален план.